Изложбата на фотографии „Македонските архитектурални скулптури“ од Ерина Богоева вечер во 20 часот ќе биде отворена во Галерија 2 во Младинскиот културен центар.
По долги години истражување и фотографирање на архитектурата од втората половина на ХХ век во Скопје, во 2017 година, Ерина ја посветува својата последна изложба „Затемнетиот Град“ токму на таа тема, а во 2018 година со иста инспирација ја издава и монографијата „Скопје-архитектурата како фотографска скулптура“.
-Непобитен факт е дека монументалистичката архитектура е присутна не само во главниот град туку и низ целата држава и таа досега ретко била предмет на истражување, фотографирање и презентирање. Во Скопје и во останатите градови е често занемарена, оставена на маргините и пропаста. Амбивалетниот однос кон тие (веќе историски) времиња, влијаат врз фактот на неможноста да се постигне одвојување на убавината на градбите од политичкиот и историскиот контекст на времето во кое што се создавани. Преку фотографијата, Ерина ја прикажува оваа архитектура во целосната нејзина скулптуралност, комплетно извадена од временскиот и просторниот контекст, соопшти МКЦ.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и Младинскиот културен центар и е од продажен карактер.
Ерина Богоева е родена на 02.07.1988 во Скопје. Нејзините почетоци во уметноста и поконкретно во фотографијата се поврзани со програмата на Меѓународната матура, во рамки на средното образование во Гимназијата „Јосип Броз- Тито“ во Скопје. Таа е самоук фотограф и активно се занимава со фотографија од 2007.
Во октомври 2021 година, Ерина ја има својата петта самостојна изложба „Мистеријата зад Женскиод поглед“ поддржана од Europe House Skopje, по што се одржува и дискусија инспирирана од изложбата, а посветена на жените во креативните индустрии во нашата земја. Истата година во ноември Ерина е дел од фотографската изложба на модното списание Vogue во Милано, преку VID фондацијата.
Изложба ќе биде отворена за посетителите до 15 октомври 2023.