Портпаролот на израелската војска Ричард Хехт денеска изјави дека на израелска територија биле пронајдени 1.500 тела на екстремисти на Хамс, откако армијата ја врати контролата над поголемиот дел од југот на земјата.
Хехт и главниот воен портпарол Даниел Хагари изјавија дека од синоќа ниту еден борец на Хамас не влегол во Израел, иако нивно уфрлување се уште е можно.
Синоќешните израелски воздушни контра-напади беа насочени кон населбата Римал во Газа Сити, каде што се наоѓаат министерствата и владините згради.
Жителите беа предупредени да се евакуираат пред нападот преку социјалните мрежи, рече Хехт, без да открие други детали.
Тој навести дека Палестинците можат да одат во Египет преку граничниот премин Рафа, но не објасни каде би оделе и како, бидејќи преминот повремено е затворен.
Појасот Газа е под блокада од Израел и Египет откако Хамас насилно ја презеде контролата врз територијата од ривалскиот, поумерен Фатах.
Израел вчера објави целосна опсада на Појасот Газа и дека нема да има снабдување, струја, ниту испорака на храна и гориво за областа во која живеат 2,3 милиони жители. (МИА)