Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Државниот врв упати честитки по повод 11 Октомври – Денот на народното востание

Државниот врв на Република Северна Македонија упати честитки по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

Претседателот Стево Пендаровски во својата честитка порача дека „слободата и правдата се идеали што ја придвижуваат човековата историја. Понесени од овие идеали, на 11 октомври 1941 година, 16 млади борци од прилепскиот партизански одред ‘Гоце Делчев’ ги нападнаа симболите на фашистичката окупаторска власт и го означија почетокот на македонската народноослободителна и антифашистичка борба“.

– Да ги зачуваме придобивките на славната антифашистичка генерација ние мора да ја градиме Северна Македонија како демократска и функционална правна држава, со еднаквост пред законите и еднакви можности за развој и за напредок за секој нејзин граѓанин. Фокусирани на општото добро и на јавниот интерес ќе создадеме услови за нашите млади да останат во својата татковина и тука да се вклучат во битките за напредок на секое поле на животот. Нека ни е честит и вековит празникот“, истакнува претседателот Пендаровски во својата честитка по повод празникот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери го честита 11 Октомври – Денот на народното востание, повикувајќи на сплотеност и единственост во одбрана на достоинствениот и еднакво добар и квалитетен живот за сите, како и во одбрана на стабилната и сигурна иднина за идните поколенија.

-Денес, кога граѓаните на Република Северна Македонија, ги уживаат благодатите што ги нуди слободата и слободното изразување на мислите, ставовите и гледиштата, не можеме да ги пренебрегнеме жртвите, влогот и пред сѐ, идеалите што ги водеа сите тие знајни и незнајни јунаци кои во ниту еден миг не се двоумеа да застанат на вистинската страна, на страната на правдата, на страната на доброто наспроти злото. Секогаш сплотени и единствени, како граѓани и како човечки суштества, секогаш да застанеме во одбрана на достоинствениот и еднакво добар и квалитетен живот за сите. Секогаш во одбрана на стабилната и сигурна иднина за идните поколенија. Драги граѓани, Ви посакувам да имате убав празничен ден, наведува Џафери во честитката.

Премиерот Димитар Ковачевски упати честитка по повод државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание порачувајќи „како и македонските борци за слобода, едни до други, да останеме цврсти и обединети по европскиот пат напред и да создадеме иднина за следните генерации“.

Благодарение на успехот во НОБ, посочува премиерот, постои денешна, современа и независна, демократска, евроатлантска Република Северна Македонија. Затоа, како што вели, 11-ти октомври 1941-та година, кога започнува македонското народноослободително антифашистичко востание, бил, е и ќе биде секогаш на светлите страници на македонската историја.

-Македонските борци, со непокорот уште од 1903 година и успехот во Народноослободителната борба во 1944 година, го трасираат патот до слободата и државноста, но и на македонскиот напредок.Исто како партизаните, едни до други и едни со други, да останеме цврсти и обединети по патот напред. Да ја внесеме државата во ЕУ и да ги донесеме европските стандарди во родната земја. Да одговориме на аманетот и нашата света должност – денес ние, да создадеме иднина за следните генерации!, порача во чест на денешниот државен празник, премиерот Ковачевски.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново