Во објава на социјалните мрежи, Министерството за надворешни работи на Црна Гора изрази благодарност до Северна Македонија, за тоа што, како што пишува во текстот „овозможила на нивниот хуманитарен лет да се најдат и државјни на Црна Гора“.
Во текстот уште се изразува „благодарност и до амбасадите на Скопје и Подгорица во Тел Авив за посветеноста во реализацијата на евакуацијата“.
„Сојузници, партнери и пријатели“, завршува текстот на социјалните мрежи на Министерството за надворешни работи на Црна Гора.
Crna Gora je zahvalna Sjevernoj Makedoniji što je omogućila da se na njihovom humanitarnom letu nađu i državljani Crne Gore.
— MFA Montenegro (@MFA_MNE) October 14, 2023
Hvala i ambasadama 🇲🇪 u Skoplju i 🇲🇰 u Podgorici i Tel Avivu na posvećenosti realizaciji evakuacije.
🇲🇪🤝🇲🇰, saveznici, partneri i prijatelji.@MFA_MKD
Освен преостанатите 67 македонски граѓани кои побараа помош за враќање од Израел, со чартер летот организиран и платен од Владата на Република Северна Македонија се обезбеди трансфер и за седум албански, седум црногорски и тројца бугарски државјани.
Сите финансиски трошоци за превезувањето на евакуираните граѓани се покриени со резерви на Буџетот на Република Северна Македонија, согласно одлуката донесена на седница на Владата.
„Бесплатниот чартер лет за сите патници кои патуваа на релација Тел Авив – Скопје беше реализиран во соработка со ‘Air Serbia’, и тоа во услови на откажани летови и целосно блокиран авионски сообраќај од и кон Израел. Со оглед на тековните борбени активности во повеќе подрачја во Израел изминатата недела, претходните обиди за обезбедување на лет од Тел Авив не вродија со резултат, имајќи предвид дека ниту една компанија од регионот не беше во можност да обезбеди сигурен и безбеден лет и да одговори на барањата на Владата на Република Северна Македонија“ соопштија од Владата.
Чартер летот беше организиран на иницијатива на Владата и по напорите на премиерот Димитар Ковачевски во директен контакт со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ да се најде решение за предизвикот за обезбедување чартер лет за граѓаните од регионот.