Премиерот Христијан Мицкоски, во гостување во Тема на денот на телевизија Сител, изјави дека раководството на ЗНАМ самостојно ќе одлучи дали партијата ќе остане во Владата. Тој рече дека не би сакал коалицискиот партнер да си замине и најави можност за коалициска средба пред Нова година.
„Јас не би посакувал на тој начин да ја напуштат Владата, но тоа е сепак нивна суверена одлука, јас тука не можам да интервенирам“, рече Мицкоски.
Премиерот ги оцени повремените несогласувања како очекувани и ги спореди со разликите што се јавуваат и во семејството. Тој посочи дека коалициските партнери редовно се состануваат, а средбата пред Нова година ја спомна како можност.
Говорејќи за употребата на јазиците во правосудството, Мицкоски се повика на претходното мислење на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците. Според неговото толкување, Комисијата препорачала во правосудниот систем да се напушти двојазичноста. Мицкоски рече дека Владата поради тоа одлучила најпрво да ѝ го испрати предлогот на Комисијата за мислење.

