Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска пред малку го завши сведочењето во Собранието и ја посочува Народната банка како надлежна за одлуките околу Алта банка Битола. Таа на 5 ноември изјави дека нејзиното министерство немало комуникација со гувернерот Трајко Славески за влезот на српската банка. Владин записник од септември 2025 година, пак, покажува дека токму на нејзин предлог Владата им дала насоки на 16 јавни институции и претпријатија како да постапат со понудата за нивните акции. А денес експлицитно негираше било каква нејзина вмешаност во финансиската афера.
На надзорната расправа во Собранието се разгледуваат постапувањето на Народната банка и одговорноста на институциите во случајот. Славески на 6 ноември потврди дека за влезот на Алта банка се консултирал со премиерот Христијан Мицкоски. Претходната согласност за стекнување акции ја издал Извршниот одбор на Народната банка на 1 септември 2025 година.
Што предложила министерката на владина седница?
На 23 септември 2025 година, на предлог на Димитриеска-Кочоска, Владата им укажала на 16 субјекти во рок од три дена да разгледаат дали ќе ја прифатат понудата на Алта банка Белград за акциите во тогашната Стопанска банка Битола. Меѓу нив биле Фондот за здравствено осигурување, Електрани на Северна Македонија и Агенцијата за вработување.
Владата им укажала и дека, доколку утврдат дека нема законски пречки за продажба, одговорните лица треба да достават писмена изјава за прифаќање на понудата до 10 октомври. Комисијата за хартии од вредност го потврди успешното преземање на 16 октомври. Со акциите што веќе ги поседувала, Алта банка Белград тогаш достигнала 93,26 отсто од акциите во битолската банка.
Законот ја утврдува надлежноста на Народната банка за регулаторната согласност. Владината улога е документирана во постапувањето со акциите на јавните субјекти. Прашањето за Димитриеска-Кочоска е врз основа на која процена го предложила условното прифаќање на понудата и кои од 16-те субјекти навистина ги продале своите акции.

