Собраниската Комисија за финансирање и буџет започна надзорна расправа за утврдување на причините за воведување принудна администрација во Алта банка АД Битола, улогата на Народната банка и одговорноста на надлежните институции. Првиот ден од сослушувањата помина во знак на пратенички прашања за институционалната контрола и реплики поврзани со претходните сопственички промени во банката.
Надзорната расправа ја отвори претседателката на Комисијата, Сања Лукаревска, која посочи дека постапката се води согласно собранискиот Деловник со цел јавноста и пратениците да добијат информации и стручни мислења за спроведувањето на законите и дејствувањето на регулаторните органи.
„Овој настан е од особено значење за граѓаните и Собранието. Очекувам расправата да привлече внимание кај јавноста и засегнатите страни, како и да одговори на одредени прашања што се во нивен интерес“ рече Лукаревска, образложувајќи ги деловничките правила и временските рамки за исказите на поканетите и прашањата од пратениците.
Прв сослушан беше премиерот Христијан Мицкоски, кој фокусот го насочи кон одлука на претходната влада од 2023 година за продажба на државни акции во тогашната Стопанска банка АД Битола. Според него, институционалната релација со сопственикот Давор Мацура започнала преку тогашното задолжување на Државното правобранителство.
„Мојата теза е дека во 2023 година владата на СДСМ и ДУИ донела одлука да го задолжи Државното правобранителство да стапи во комуникација со ова лице и со Алта банка во Србија за оттуѓување на акциите во сопственост на државата“ наведе Мицкоски, презентирајќи ја одлуката објавена во „Службен весник“.
Претседателот на СДСМ и пратеник Венко Филипче побара конкретни одговори за институционалните чекори на актуелната власт и комуникацијата со Народната банка при издавањето на дозволите за влез на банката на домашниот пазар, потенцирајќи дека ризиците биле познати во јавноста.
„Не може да се дистанцирате од одговорноста за случувањата во Алта банка, ниту да се тврди дека не се знаело за кого станува збор, бидејќи јавно се говореше за банката и нејзиниот сопственик Давор Мацура“ рече Филипче, прашувајќи дали имало политички влијанија врз постапувањето на гувернерот Трајко Славески.
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, вицегувернерката Арлинда Хасани и Фросина Целеска од Дирекцијата за банкарска регулатива го оправдаа своето отсуство, а нивните искази ќе бидат закажани дополнително. Агендата предвидува сослушување на гувернерот Трајко Славески, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, вицегувернерите Ана Митреска и Игор Величковски, привремениот администратор Илија Андовски, како и раководителите на Агенцијата за разузнавање, Управата за финансиско разузнавање и Јавното обвинителство.

