Христина Ивановска во „Интеркултура“: Нема мејнстрим, независната сцена е најдинамична

Ивановска

Во шорткастот „Интеркултура“, Роберт Алаѓозовски разговара со Христина Ивановска, уметница, директорка на организацијата „Прес ту егзит“ и долгогодишна активистка на независната културна сцена. Тие се осврнаа на положбата на независната култура, институционалната поддршка, автономните простори и партнерството со институциите. Ивановска говори и за можностите што ги отвора „Скопје 2028“, искуството со Центарот „Јадро“, како и за новите генерации на културната сцена.

Вистински мејнстрим во културата подразбира силни институции што го следат и поддржуваат развојот на уметниците, а таков систем во земјата недостасува, смета Ивановска. Според неа, независната сцена останува најдинамичниот, највозбудливиот и критички ориентиран дел од културниот живот.

„Ви треба систем што ќе ве поддржува во текот на вашиот развој како уметник. Ние немаме ништо од тоа. Затоа мислам дека во Македонија нема мејнстрим. А независната културна сцена, според мене, е најдинамична, највозбудлива и критички настроена.“, вели Ивановска.

За искуството на „Прес ту егзит“, Ивановска објаснува дека автономијата им била поважна од задржувањето на физичкиот простор. Иако независните иницијативи продолжуваат да работат и без постојана локација, недостига инфраструктура, персонал и институционална поддршка, а власта не е подготвена да ја прифати независната сцена како вистински партнер.

„Мора да се негува независна културна сцена, алтернатива, бидејќи она што го нудат државните институции не е доволно возбудливо, зачмаено, не е во тек со она што се случува во светските текови. Дури и просторите се запуштени, нема ниту доволно инфраструктура ниту кадар кој што би може да ви помогне во реализацијата на вашите простори“, оценува Ивановска.

За проектот „Скопје 2028“, Ивановска се надева дека ќе поттикне трајни промени и нема да се сведе на краткотрајни настани. Раскажувајќи лично искуство од Темишвар кога овој унгарски град беше европска престолнина на културата, таа ја истакнува важноста на создавање културни простори и наследство што ќе останат и по 2028 година.

Како пример за поинаков модел на соработка, Ивановска го посочува Центарот „Јадро“, плод на долгогодишен дијалог меѓу независната културна сцена и Општина Центар. Според неа, за слични иницијативи и за отворање неискористени простори и во други градови, клучна е политичката волја. Таа зборува и за влијанието на промените во Министерството за култура врз независната сцена, како и за новите групи и гласови што развиваат сопствени начини на дејствување.

Погледнете го и слушнете го гостувањето на независната уметница и директорка на „Прес ту егзит“,  Христина Ивановска во видео-шорткастот на ИМА, „Интеркултура“ со Роберт Алаѓозовски.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?