Поранешниот министер за економија на Србија, Раде Баста, е уапсен утрово на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, поради сомневање за злоупотреба на службената положба и оштетување на јавното претпријатие „Београдске електране“ за десетици милиони динари, јавуваат српските медиуми.
Според информациите на српските медиуми, апсењето е извршено по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, во рамки на акција на Службата за борба против корупцијата.
Баста е осомничен дека во периодот кога бил директор на „Београдске електране“ одобрувал неосновани донации на спортски клубови, меѓу кои фудбалски, кошаркарски и коњички клуб, со што наводно му нанел значителна финансиска штета на јавното претпријатие.
Како што јавува РТС, полициската акција опфаќа претреси на повеќе локации во Белград, а се проверува и евентуалната вмешаност на други лица.
Раде Баста ја извршуваше функцијата министер за економија од октомври 2022 до јуни 2023 година, кога беше разрешен поради политички несогласувања со владината коалиција.
Тој стана познат во српската јавност откако јавно побара Србија да воведе санкции против Русија поради војната во Украина, што предизвика остри реакции кај неговите тогашни коалициски партнери. По разрешувањето го формираше политичкото движење „Европски пат“.
Апсењето на Баста е дел од пошироките антикорупциски активности во Србија, во кои изминатиот период беа опфатени повеќе функционери и раководители на јавни претпријатија.
Постапката е во тек, а Баста засега има статус на осомничен. Неговата кривична одговорност не е утврдена.

