Како ќе го спречиме родово базираното насилство ако го избегнуваме родот во училиштата?

Во Македонија постои законска рамка за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Државата го препознава родово базираното насилство, ги дефинира неговите облици и презема обврски за превенција.

Но, во образованието се случува нешто што заслужува сериозна јавна дебата.

По повлекувањето на програмата за сеопфатно сексуално образование, Министерството за образование и наука донесе нова програма, „Здравје и заштита на здравјето“, од која е отстранета терминологијата поврзана со родот.

Учениците и понатаму треба да учат за стереотипи, здрави односи, согласност и сексуално насилство. Но, поимите „род“, „родови улоги“, „родови стереотипи“ и „родово базирано насилство“ повеќе не се именувани како такви.

Токму на ова предупреди Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет, кој побара дополнителна ревизија на програмата. Од Министерството, пак, порачаа дека измените се конечни.

Ова отвора прашање кое е многу поважно од терминолошката расправа.

Ако едно девојче расте уверено дека треба да трпи љубомора, контрола и понижување за да ја зачува врската, кој ќе му објасни дека тоа не е љубов? Ако едно момче расте со уверување дека мажот мора да доминира, кој ќе му покаже дека почитувањето не значи слабост?

И ако училиштето треба да ги преиспитува токму овие општествени очекувања, зошто од програмата се отстранува научната терминологија со која тие се објаснуваат?

Образованието нема само задача да ги научи децата дека насилството е погрешно. Треба да им помогне да разберат како настануваат нееднаквите односи, како контролата се претставува како љубов и зошто жртвите понекогаш тешко излегуваат од насилна врска.

Не е доволно девојчињата да ги учиме да пријавуваат насилство. Мора да ги учиме и момчињата дека немаат право да бидат насилни.

Токму затоа превенцијата на насилството мора да биде суштинска образовна политика, а не тема што ќе се менува зависно од политичките и идеолошките притисоци.

Во новата анкета на Рацин.мк, граѓаните можат да го кажат својот став за институционалната одговорност и пропустите во спречувањето на насилството врз жените.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?