Украина го отфрли предлогот на Соединетите Американски Држави за административно стеснување на границите на Доњецката и Луганската област, со кој на Москва би и се овозможило да прогласи контрола врз целиот Донбас без освојување на преостанатите слободни градови.
Според планот што го презентираа американските претставници, официјалните граници на овие две области на хартија би биле скратени за да ја следат фактичката линија на фронтот. Со тоа, териториите што се уште се под контрола на украинската војска формално би биле исклучени од дефиницијата за Донбас, што би му овозможило на рускиот претседател Владимир Путин да прогласи политичка и воена победа.
Специјалните американски претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер со овој предлог се обидоа да ја надминат клучната пречка во преговорите – барањето на Москва да добие околу 5.000 квадратни километри територија што руските сили досега не успеаја да ја заземат на теренот.
Официјален Киев веднаш упати одбивање, со порака дека нема да прифати ниту де факто, ниту де јуре признавање на руската окупација на украинска територија.
Од украинскиот преговарачки тим посочија дека украинската делегација на разговорите никогаш не разгледувала опција за територијални отстапки и дека таквиот став на преговарачката маса останува непроменет.
Првата рунда од трилатералните преговори, одржана во Абу Даби, траеше четири и пол часа. Вашингтон оцени дека постојат услови под кои Москва е подготвена за мир, но барањата на Русија остануваат целосно спротивставени на позициите на Киев.
Рускиот претседател Владимир Путин и понатаму инсистира на целосно повлекување на украинските трупи од Донбас, како и меѓународно признавање на анексијата на четирите украински региони и полуостровот Крим како предуслов за каков било прекин на огнот, барања што претседателот на Украина, Володимир Зеленски, досега постојано ги отфрлаше.

