Даде ли српскиот стечаен управник согласност за продажба на Алта банка Битола?

Алта Банка

Дали стечајниот управник на Алта банка Белград ѝ дал писмено овластување на Народната банка да го продаде мнозинскиот пакет акции во Алта банка Битола? Прашањето остана отворено по надзорната расправа во Собранието, иако премиерот Христијан Мицкоски веќе најави аукција кон крајот на ноември или на почетокот на декември.

Белградската банка поседува 95,336 отсто од акциите во Битола, според решението со кое Народната банка на 1 ноември воведе администрација. Истиот ден беше повлечена и согласноста за квалификувано учество на српскиот акционер. Како што посочи пратеникот Миле Цеков, губењето на правото на глас не значи и губење на сопственоста. Во стечајната постапка во Белград, банката ја застапува српската Агенција за осигурување на депозити.

Десетте дена течат од приемот на решението

Вицегувернерката Ана Митреска објасни дека акционерот прво добива рок сам да ги продаде акциите. Ако тој рок истече без продажба, Извршниот одбор на Народната банка со посебно решение му наложува во рок од десет дена да ја овласти банката да ги продаде во негово име. Десетте дена се бројат од приемот на тоа решение.

Во објавеното објаснување на Митреска изостана што следува ако овластувањето не стигне. Членот 137 од Законот за банките предвидува Извршниот одбор прво да донесе решение со кое акциите престануваат да носат и право на дивиденда. Потоа, во рок од осум дена, Одборот носи решение за продажба во име на акционерот. Во тој случај акциите се продаваат на јавна берзанска аукција.

Мицкоски вели дека десетдневниот рок веќе тече. Во објавените документи нема датум кога решението му било врачено на стечајниот управник. Од тој датум зависи кога истекува рокот и кога Народната банка може да го направи следниот чекор ако овластувањето изостане.

Мицкоски наведе шест месеци, законот предвидува три

Премиерот спомена почетна цена од 3.777 денари по акција, повикувајќи се на просекот од последните шест месеци. За присилна продажба, членот 138 предвидува просек од последните три месеци пред решението за продажба. Ако во тој период немало трансакции што влегуваат во пресметката, се зема книговодствената вредност. Почетната цена треба да биде наведена во официјалната објава за аукцијата.

На расправата Митреска рече и дека при одобрувањето на преземањето во 2025 година биле запазени сите проверки. Една година претходно, австрискиот финансиски регулатор ја казнил поврзаната „Алта пеј груп“ со 154.560 евра за задоцнето пријавување на удел во „Адико банка“. Од објавените документи не се гледа како Народната банка ја оценила таа санкција пред да го одобри преземањето.

Пред најавената аукција, Народната банка треба да одговори дали добила писмено овластување од стечајниот управник во Србија и кога го примила. Ако овластувањето изостанало, дали Извршниот одбор веќе донел решение за продажба по членот 137 став 6?

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?