„Донесевме решение“, рече гувернерот Трајко Славески на собраниската надзорна расправа, објаснувајќи како Народната банка ја повлекла согласноста на Алта банка Белград за стекнување акции во битолската банка. Видно возбуден, со повисок тон и повторување на зборови често на директни прашањата одговараше со ние, зборувајќи во име на тимот на Народба банка. Зборуваше во име на институцијата и кога ја образложи привремената администрација и кога кажа дека се бара нов сопственик. Множината е точна за одлуките на Извршниот одбор. Но кога прашањето е што лично презел гувернерот, „ние“ може да ја разводни неговата одговорност.
Славески пред пратениците рече дека битолската банка има висока ликвидност и капитализираност од речиси 26 отсто. Администрацијата, според него, била изнудена од одземањето на дозволата за работа на мнозинскиот сопственик во Србија. Со тоа гувернерот објасни зошто Народната банка интервенирала на 1 ноември 2026 година. За надзорната расправа е подеднакво важно што знаел регулаторот пред да го одобри преземањето и како го следел ризикот потоа.
Кој одлучува кога гувернерот вели „ние“?
И согласноста од 1 септември 2025 година и решенијата за нејзино повлекување и за воведување администрација од 1 ноември 2026 година се одлуки на Извршниот одбор на Народната банка. Според законот, одборот го сочинуваат гувернерот и тројцата вицегувернери. Гувернерот претседава, секој член има по еден глас, а при еднаков број гласови решава гласот на претседавачот. Решението за воведување администрација го потпишал Славески како гувернер и претседавач.
Законот предвидува отчетност пред Собранието и за Советот на Народната банка и за секој негов член во врска со законските задачи на институцијата. Записниците на Извршниот одбор се доверливи, а објавеното решение го покажува исходот од одлучувањето. Затоа е важно Славески да објасни каква процена застапувал и врз кои информации ја засновал, во рамките на правилата за доверливост.
Што разговарал Славески со Мицкоски?
На 6 ноември, во изјава што ја пренесе „Телма“, Славески во прво лице потврди дека се консултирал со премиерот Христијан Мицкоски за влезот на Алта банка. На расправата, претседателката на Комисијата Сања Лукаревска праша дали Народната банка проверила кој е вистинскиот сопственик. Двете прашања се конкретни. Кога се одржал разговорот со премиерот, што било кажано и со какви информации за купувачот располагал Извршниот одбор кога одлучувал?
Дали Славески намерно се повикува на колективното одлучување за да избегне лична одговорност е отворено прашање. Она што Собранието може да го утврди е што лично знаел, што предложил и какви проверки побарал пред и по одобрувањето на преземањето.

