Кривичниот суд во Каиро стави 35 организации и 36 лица на египетските национални листи на терористички субјекти и лица за период од пет години. Меѓу нив е и организација наведена како здружение од Македонија. Нејзиното точно правно име во земјава засега е непотврдено.
Во одлуката, објавена на 10 ноември во египетскиот службен весник „Ал Вакаи ал Масрија“, под реден број 19 стои „تجمع الشباب الإسلامي“, што може да се преведе како „Исламско младинско здружение“. До називот стои „Македонија“. За оваа ставка во објавениот текст се наведени само називот и земјата, а причините за нејзиното внесување на списокот остануваат неразјаснети.
Одлуката е донесена во рамки на предметот 11108/2026, заведен во египетското Врховно обвинителство за државна безбедност. На списокот се и Советот на муслиманите во Европа, Европскиот совет на имами и здруженија од Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.
Станува збор за одлука според египетското законодавство, кое за субјектите на националната листа предвидува мерки како забрана на активности и замрзнување средства. Европската Унија води свој список според одлуки на Советот на ЕУ.

