Неколку француски аеродроми денеска повторно се евакуирани по нови закани за бомби. Станува збор за аеродромите во Бордо, Нант, Лил и Монпеље, а дојава стигнала и на аеродромот во Бове.
Летовите се пренасочени и се очекуваат значителни доцнења во текот на целиот ден, а на лице место се полициски и контрадиверзантски екипи.
„Во Франција 17 аеродроми добија дојави за бомба, што доведе до евакуација на 15 аеродроми, откажување на 130 летови и многу доцнења“, изјави францускиот министер за транспорт Клеман Бон.
Тој предупреди дека лажните пријави не се шега, туку дека се работи за криминални дејствија.
Француската влада се закани со затвор и високи парични казни за оние кои испраќаат закани за бомби, а властите се сомневаат дека можеби за тоа се одговорни млади луѓе и деца.
Според француските закони, ваквите повици се казнуваат со затвор до три години и парична казна од 45.000 евра.
Франција ја подигна безбедноста на највисоко ниво од петокот вечерта, откако наставник беше убиен во училиште во францускиот град Арас, а главен осомничен е Мохамед М, кој претходно и ветил верност на Исламска држава. п