– Шефот на ОН за човекови права денеска изјави дека е „згрозен“ од „наглиот пораст на омразата на глобално ниво“ од почетокот на војната меѓу Хамас и Израел на 7 октомври.
Волкер Турк силно изрази жалење за зголемениот број случаи на антисемитизам, исламофобија и други говори на омраза, и онлајн и офлајн.
„Влијанието на оваа криза… испрати шокови низ секој регион, дехуманизирајќи ги и Палестинците и Евреите“, наведе Турк во изјавата.
„Сведоци сме на остар скок на говорот на омраза, насилство и дискриминација, продлабочување на социјалните фрактури и поларизација… Слушнав и од Евреите и од муслиманите дека не се чувствуваат безбедно, и тоа ме растажува“, додаде тој.
Турк нагласува дека ширум светот „исламофобичното и антисемитското вознемирување, нападите и говорот на омраза се намножија, вклучително и во контекст на протестите поврзани со конфликтот“.
Високиот комесар на ОН за човекови права, исто така, ја потенцира и „запаливата, токсична и омраза реторика“ што ја користат политички лидери.
„Јазикот на омраза што се користи, вклучително и на социјалните мрежи, е одвратен“, рече тој.
„Според меѓународното право…секое застапување на национална, расна или верска омраза што претставува поттикнување на дискриминација, непријателство или насилство е забрането“.