Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Грција испрати хуманитарна помош за цивилите во Појасот Газа

Хуманитарна помош, наменета за цивилите во Појасот Газа, односно фармацевтски и медицински материјал испрати утрово Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Рано утрово авион Ц-130 на грчкото воено возухопловство полетал од Атина до египетскиот аеродром на Синајскиот полуостров, каде што според грчките медиуми, ќе биде пречекан од претставници од амбасадата на Грција во Каиро.

Од грчкото МНР вчера соопштија дека „со грижа на Министерството за надворешни работи и во соработка со египетските власти”, авион Ц-130 на военото воздухопловство ќе ја пренесе хуманитарната помош наменета за цивилите од Појасот Газа.

-Грчката хуманитарна помош содржи фармацевтски и медицински материјал собрани од Министерствата за надворешни работи и здравство и со поддршка на Грчката унија на фармацевтската индустрија, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција.

Хуманитарната помош ја најави во петокот шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, одговарајќи на пратеничко прашање во Парламентот, а паралелно истакна дека грчката Влада е во консултација со други земји, особено со Кипар и Франција за формирање хуманитарен морски коридор директно до Газа, но и дека разговараат и со Израел за да се обезбеди непречено минување.

-Секако, сфаќаме дека се работи за проект со исклучително голема техничка тешкотија, со оглед на фактот што во Појасот Газа нема безбедно пристаниште за да може безбедно да доплови било кој брод, рече Герапетритис од Парламентот.

Зачлени се на нашиот е-билтен