Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Семејствата на двајца Израелци киднапирани од Хамас: Живееме кошмар

За агонијата низ која поминуваат, за животот што, како што и самите велат, веќе им станал кошмар, говореа на прес конференција во Атина, членовите на семејствата на двајца Израелци киднапирани од Хамас за време на фестивалот на 7 октомври и оттогаш немаат никакви информации дали се живи или не, јави дописничката на МИА од Атина.

Мајката и братот на 22-годишниот Евијатар и мајката и вујкото на Алмог, двајца млади, заложници на терористичката организација, од вчера се во Грција, се сретнаа со грчката претседатека Катерина Сакеларопулу и со претседателот на Парламентот Константинос Тасулас, а попладнево одржаа и прес конференција, во надеж дека нивната порака дополнително ќе се прошири за нивните најблиски да се вратат дома.

-Живееме комшмар, нашите животи ни станаа кошмари, а кошмарот е наша реалност, истакнаа семејствата пред грчките новинари и странските дописници во Атина, порачувајќи дека „ако треба и со ѓаволот ќе потпишат договор, само нивните најблиски да се вратат дома“.

Мајката на Алмог, со солзи во очите и низ плач раскажуваше дека нејзиниот син последен пат го видела во петокот вечерта кога со негов пријател заминал на фестивалот.

-Во саботата, се разбудив во 7.45 кога ми се јави. Звучеше фокусирано и сериозно: Мамо, секаде има ракети и пукање. Не знам што се случува, ќе ти се јавам подоцна. Мамо те сакам. И потоа го вклучив телевизорот и видов дека имаше терористички напад на фестивалот, раскажа мајката.

Потоа, нејзината ќерка на социјалните мрежи објавила фотографии од момчето и три часа  подоцна им било испратено видео дека е меѓу заложниците на Хамас.

-Животот ми се уништи. Син ми отиде на забава и се најде киднапиран во Газа. Животот ни стана кошмар и овој кошмар е нашата реалност, истакна мајката, додека пак вујкото на киднапираниот рече дека имаат една и единствена цел, заложниците да се вратат дома.

Речиси идентична е судбината и на 22-годишниот Евијатар, кој со уште тројца пријатели заминал на фестивалот, од нив двјца се убиени, а двајца киднапирани.

Мајката и братот на момчето раскажаа дека во 6.30 часот наутро на 7 октомври се разбудиле од сирените, што значело дека веднаш треба да се засолнат и му испратиле порака на Евијатар, кој одговорил дека фестивалот завршил, се упатуваат накај автомобилот, дека се е во ред и да не се грижат.

Веднаш потоа загубиле секаков контакт со него, но и дознале за терористичкиот напад.

Побарале помош преку социјалните мрежи, а исто како  во случајот со другиот киднапиран, добиле видеа од Хамас, на кои бил 22-годишниот.

-Од тој момент живееме кошмар. Ова е лудило. Веќе 30 дена не знаеме ништо, во каква психичка и здравствена состојба е, дали јаде, раскажа мајката, додека пак братот на момчето опиша колку бил возбуден и среќен што ќе оди на фестивалот.

Семејствата истакнаа дека немаат проблем со Палестиците и сакаат во мир да живеат со нив, а  во конкретниот случај се работи за Хамас.

За посетата на Грција, за средбите и контактите што ги имаа, рекоа дека имаат надеж дека може да им помогне.

Извор (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен