– Нападите врз американските бази и воени објекти во Сирија и Ирак се важни за запирање на агресијата врз Појасот Газа, изјави денеска заменик-шефот на милитантната група Хезболах, Наим Касем.
„Денес постои алијанса што го нарекуваме оска на отпорот, кој вклучува групи од земји како Иран, Ирак, Сирија, Либија, Јемен и Палестина“, рече Касем, а пренесува шпански „Ел Мундо“.
Тој посочи дека на сите овие групи им е заедничко тоа што ја бранат „легитимната, палестинска кауза“.
„Тие сметаат дека Палестинците ја заслужуваат оваа земја, а не окупаторите и дека окупаторите треба да ја напуштат оваа земја и да ја вратат на нејзините сопственици. Во оската на отпорот нема газда“, посочи Касем и додаде дека од друга страна има уште една оска составена од САД, Франција, Германија, Британија и Израел.
„Таа оска ја поддржува окупацијата, дава легитимитет на убиствата на деца и жени, уништување болници и му дава имунитет на Израел да продолжи со масакрите. САД ги поддржуваат овие масакри и затоа нападот на САД е од суштинско значење за да се запре агресијата врз Газа“, тврди Касем.
Според податоците на Пентагон, од 17 октомври, американските војници во Сирија и Ирак биле нападнати повеќе од 50 пати. Во Сирија се распоредени 900 американски војници, а во Ирак 2.500 американски војници.