– Воената хунта во Нигер денеска соопшти дека го одредила 22 декември како краен рок за повлекување на француските војници од таа земја, пренесува Би-Би-Си.
Во објава на социјалната мрежа „Икс“ (поранешен Твитер), хунтата наведе дека 1.346 припадници на воениот персонал го напуштиле Нигер досега, а дека преостанатите 157 француски војници се главно од тимови за логистика. Откако војската ја презеде власта во Нигер, соборувајќи ги демократските избран за претседател Мохамед Базум со државен удар, имаше нагло зголемување на тензиите меѓу Франција и Нигер.
Хунтата им нареди на Французите да ја напуштат земјата, обвинувајќи го нивниот поранешен колонијален господар дека се обидел насилно да го врати претседателот Базум на функцијата.
После тоа, во октомври, Франција почна да ги повлекува своите војници од Нигер.
Освен тоа, воените власти посочија дека планираат да прекинат некои воени и економски договори со официјален Париз.
Нигер беше еден од најголемите сојузници на Западот во регионот Сахел, во војната против тероризмот. Влијанието на Франција во регионот почна да опаѓа по бранот преврати во некои од нејзините поранешни колонии.