Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Србија/Избори: Според првичните резултати победи СНС

 По вторпат во изминатите две години гласачите во Србија излегоа на парламентарни избори да одлучуваа за идното свикување на собранието, а според првичните резултати победата ја извојува Српската напредна странка со коалиционите партнери, јавија белградски медиуми.

Првите резултати на Ипсос и Цесид покажаа дека СНС освоила 46,6 отсто од гласовите, додека коалицијата Србија против насилството освоила 23,1 отсто.

Социјалистите освоија 6,9 отсто од гласовите, додека коалицијата НАДА 4,8 отсто.

Изненадувањето го претставува изборната листа чиј носител е д-р Бранимир Несторовиќ, кој доби 4,8 отсто од гласовите.

„Тешко е да се очекува дека пребројувањето на гласовите во Белград ќе донесе големи промени“, вели Срѓан Богосављевиќ од агенцијата „Ипсос адрија“ за РТС.

Изборната победа претходно беше објавена во седиштето на СНС.
Ана Брнабиќ, премиерка на Србија и повереник на одборот на белградската СНС, во обраќањето  нагласи дека нејзината листа има 47,1 отсто гласови, Србија против насилството 23 отсто, додека уште три списоци сигурно го поминуваат цензусот.

Претседателот на Социјалдемократската партија Борис Тадиќ вечерва ги повика сите опозициски партии заеднички да поднесат кривична пријава против организаторите на, како што наведе, „незаконското гласање на граѓаните од соседните држави“.

Тадиќ на социјалната мрежа Х повика на заедничко поднесување кривична пријава против службениците во МВР кои „незаконски прифатиле измени во пријавувањето на живеење на државјаните на соседните држави, со цел да се влијае на конечниот резултат на избори“.

Партијата за слобода и правда (ССП) и Српското народно движење (НПС), членови на коалицијата „Србија против насилството“, се согласија со предлогот на Тадиќ.

Како што претходно објавија медиумите во Белград, претставници на опозицијата и дел од граѓаните тврдат дека во Штарк арената во Белград масовно се собираат луѓе кои биле донесени да гласаат со автобуси од Република Српска, кои потоа по списоци се распоредени на различни избирачки места.

Според последните податоци што претходно ги објави Републичката изборна комисија, до 18 часот гласале 51,93 отсто од гласачите.

Годинава во избирачкиот список беа запишани вкупно 6.500.666 гласачи кои можеа да гласаат на 8.273 избирачки места, кои беа отворени од седум наутро до осум вечерва.

Зачлени се на нашиот е-билтен