Во Албанија почна проценката на имотот, позната како ветинг, во редовите на полицијата, што според министерот за внатрешни работи, Таулант Бала е „неопходен механизам за оценување“
-Процесот на самочистење на државната полиција е тесно поврзан со гарантирањето на интегритетот на полициските раководители, нагласи Бала.
За таа цел, додаде министерот Бала, „ќе продолжи проверката на носителите на раководни функции во државната полиција како неопходен механизам за оценка, кој го зголемува кредибилитетот на раководителите во полицијата, но и ја зајакнува довербата на граѓаните“.
По неодамнешните законски измени, проценката ја врши посебна комисија е формирана во Агенцијата за полициски надзор, се одржува во конференциската сала на МВР и расправата е отворена за јавноста и за медиумите.
Пред комисијата денеска се тројца високи полициски раководители, а ветингот го помина Едмонд Сулај директор на Регионалниот полициски комесаријат во Скадар. Неговото останување на функцијата е потврдено откако е извршена проверка на неговиот имот, професионалноста и чистота на неговата личност.
Инаку, во изминатите пет години, од кога почна процесот на испитување на потекло на имот, од правосудниот систем во Албанија, заминале 347 судии и обвинители. Од нив 240 биле разрешени, додека 107 поднесле оставки пред, на почетокот или за време на контролата на нивното богатство и професионалност. Од друга страна 308 ја минале проверката.