Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји, изразија очекување дека надлежните државни органи на Србија ќе реагираат на транспарентен начин на веродостојните извештаи за нерегуларности на изборите, кои вклучуваат и наводи за нерегуларности на изборите во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.
-Ги земаме предвид прелиминарните наоди и заклучоци на меѓународните набљудувачи од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) за вонредните парламентарни избори во Србија на 17 декември, се наведува во соопштението на веб-страната на ЕК.
Во него се додава, „во светлината на овие прелиминарни наоди и заклучоци, со загриженост заклучуваме дека изборниот процес бара опипливо подобрување и дополнителни реформи, бидејќи правилното функционирање на демократските институции на Србија е сржта на процесот на пристапување на Србија во ЕУ“.
ЕУ со нетрпение го очекува конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР и препораките за идните избори, кои треба да се спроведат што е можно поскоро пред следните избори.
-Очекуваме надлежните национални органи да ги следат веродостојните извештаи за неправилности на транспарентен начин. Ова ги вклучува наводите поврзани со локалните избори во Белград и другите општини. Го повикуваме српското политичко раководство да обезбеди конструктивен и инклузивен дијалог низ политичкиот спектар, се наведува во соопштенеито.