Најголема финансиска поддршка, фестивалот Охридско лето добива од државата. Главниот примат за успешна сцена е токму Министерството за култура, вели директорката на Наташа Поповиќ во утринското гостување на „Слободен печат“.
„Наша интенција е да обезбедиме и дополнителна поддршка од амбасадите во земјава. Успеав во тоа . Оваа година имавме 11 амбасади кои ги поддршуваа нивните уметници. Секогаш имаме вечер на ЕУ. Морам да кажам дека овие пет години настапуваат и грчки уметници. Се дотогаш немаше грчки уметници заради нашиот спор со името, а поддршка на фестивалот дава и грчката амбасада“, вели Поповиќ.
Дипломатите ги поддржуваат своите уметници, но со тоа се покажува соработката на Македонија со одредена земја во областа на културата, и тоа е многу важно за нас како мала земја, вели Поповиќ затоа што ние се стремиме да бидеме и дел од европското семејство.
„Културата ги крши сите политички бариери. Ние уметниците не можеме да се канализираме во некој политички свет иако одреден број од сите нас е припадник на одредена политичка култура и тоа така треба да биде. Еве и јас сум, тоа не го кријам, но ги кршиме сите правила затоа што сакаме луѓето тие 2 часа да уживаат да се тргнат од политика, од проблемите… За политика не се збори во културата и како што кажа министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, дека во нејзиниот мандат ќе се бори да ја тргне политиката во културата, до некаде успева и и честитам, но не знам дали ќе успееме“, рече Поповиќ.
Директорката вели дека мора да се стремиме да ја нема политиката во културата затоа што кодот на една нација е токму во неа, во културата.
Наташа Поповиќ пет години успешно ја води манифестацијата „Охридско лето“, а годинава беше и избрана за жена на годината за 2023 година од областа на културата, во рамките на конференцијата „Жени Претприемачки“.
Таа во утринското гостување на „Слободен печат“ посочи дека Скопје има посуштински проблеми од новогодишното украсување. Како родена Битолчанка која животот го поминала во Охрид , па потоа во Америка, за на крај да основа семејство и живее во Скопје, вели дека не би можела да замисли да живее во друг град.
„Родена сум во Битола, татко битолчанец, мајка охриѓанка, сум пораснала во Охрид, потоа животот ме однесе во Америка. Срцето ми е пола за Охрид и Битола. Во Скопје живеам со моето семејство, маж ми е скопјанец. Не би можела да жевеам во друг град освен во Скопје. Во Скопје се случува сè. Скопје е убав град, ете елката требаше да биде порано. Еден Белград е накитен пред еден месец, но не ми пречи до толку китењето, во Скопје најмногу ми пречи загадениот воздух. Во Скопје жевеам, сум се одлучила тука да живеам. Охрид е мојата душа, и фала му на господа што со работава ме врати во Охрид. Во Скопје би сакала да нема само загаден воздух и се разбира еднаш за секогаш да се реши сообраќајниот хаос“, вели Поповиќ.