Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави во Вуковар дека очекува од Србија конкретни информации и напредок во разјаснувањето на судбината на исчезнатите за време на војната, нагласувајќи дека нема да има отстапки ниту кон Србија ниту кон Црна Гора во исполнувањето на барањата на Хрватска на нивниот европски пат. Информацијата ја објави телевизијата Н1.
„Очекуваме новата влада во Србија сериозно да пристапи во билатералниот дијалог кон проблем во однос на кој досегашните постапки на српските власти не беа на нивото што го очекувавме и баравме“, изјави Пленковиќ за новинарите во Вуковар. Во интервју за хрватската телевизија Н1, тој истакна дека мора да се почека формирањето на новата влада на Србија. „Досега идентификувавме 353 останки на војници и цивили, а сè уште бараме 1.725 лица. За да се заврши овој процес, има луѓе кои знаат каде се масовните гробници и каде се преместени останките“, додаде хрватскиот премиер.
На прашањето за можноста за блокирање на европскиот пат на Србија поради нерешеното прашање за исчезнатите лица, Пленковиќ рече дека Хрватска очекува конкретни податоци и напредок. „Во однос на Србија, бројот на исчезнати лица е многу поголем. За Црна Гора, идентификувавме 14 лица по име и очекуваме податоци. Во исто време, количината на информации што се во Белград е многу поголема, и затоа нашите очекувања за реални податоци се поголеми“, рече тој. Пленковиќ нагласи дека Хрватска досега не добила доволно информации и дека прашањето е поврзано со поглавјето 23 од преговорите – „Правда и фундаментални права“. Додаде дека очекуваат напредок од Хрватска во овој процес и дека нема да има отстапки ниту кон Србија ниту кон Црна Гора.
Хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман, исто така, рече дека очекува поголемо разбирање и конкретна соработка од новата српска влада во пронаоѓањето на 1.725 исчезнати лица од војната во Хрватска. Тој потсети дека Србија е кандидат за членство во ЕУ и решавањето на судбината на исчезнатите е меѓу прашањата што мора да се решат во рамките на европскиот пат. „Србија мора да продолжи да работи и да соработува за да можеме заеднички да ги пронајдеме исчезнатите лица. Имаме должност кон заедницата, општеството, семејствата и Република Хрватска“, нагласи хрватскиот дипломат, кој учествуваше во „Колоната на сеќавањето“ во Вуковар, објави Хрватската радиотелевизија. Тој предупреди дека Хрватска има отворени прашања и со Црна Гора, вклучително и пронаоѓањето на 14 исчезнати лица и гонењето на воените злосторници под командна одговорност. „Нема да се согласиме на членство, на затворање на нашите поглавја, доколку овие отворени, вредносно-базирани прашања не се решат“, истакна Грлиќ Радман.
На 18 ноември, Хрватска ја одбележува годишнината од падот на Вуковар во 1991 година, кога градот падна по тримесечна опсада од тогашната Југословенска народна армија (ЈНА) и српските паравоени сили и беше речиси срамнет со земја. Според болницата во Вуковар, за време на тримесечната опсада загинале 1.624 лица, околу 5.000 биле однесени во логори во Србија, а 22.000 Хрвати и претставници на други несрпски етнички групи биле протерани од градот. Повеќе од 300 лица сè уште се водат како исчезнати. Се одбележува и масакрот на 43 хрватски цивили во Шкабрња во Задарскиот регион, извршен од војници на ЈНА и српски паравоени групи.
Во Вуковар беше присутен целиот државен врв, предводен од претседателот Зоран Милановиќ, кој не даде никакви изјави. Традиционалната „Колона на сеќавањето“ со илјадници граѓани и претставници на државниот врв маршираше низ централните улици – од спомен-болницата до Спомен-гробиштата на жртвите од Патриотската војна, за да им оддаде почит на жртвите од Вуковар. Оваа година, колоната ја предводеа лекари и други здравствени работници од воената болница во Вуковар. Претходно, во дворот на болницата во Вуковар се одржа комеморација под мотото „Вуковар – место на посебна патриотска побожност“.

