Стихозбирката „Ѕвонливи тишини“ на вевчанката Верица Мукоска ја доби наградата „Бели мугри“ за најдобра поетска книга од автор до 35-годишна возраст, што ја доделува Домот на култура „Кочо Рацин“- Скопје.
Книгата ќе биде промовирана в петок во рамките на традиционалната манифестација „Денови“, која Домот на културата ја организира во чест на раѓањето на македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.
Верица Мукоска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје при УКИМ, на катедрата за Македонска книжевност и јужнословенски книжевности, каде е запишана на постдипломски студии по Македонска книжевност. Првите стихови започнала да ги пишува во детството кога е објавена и нејзината детска стихозбирка: „Стихови од срцето на природата“ (2009).
Романот „Дневникот на длабоките тајни“ е нејзино прво прозно дело (2017), потоа следува романот „Равенка на стравот“ (2021), а потоа и стихозбирката „Тајнописец“ (2022). Делото „Психофилозофемите во повеќеслојните структури на романите Папокот на светот од Венко Андоновски и Еретички писма од Стефан Марковски (компаративна анализа)“ е нејзино прво книжевно дело од областа на книжевната наука и теорија (2023).

