Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Обид за упад во градското собрание во Белград, скршени прозорци, употребен солзавец и бибер спреј

Протест на опозицијата собрана околу коалицијата „Србија против насилство“ се одржува пред градското собрание во Белград. Ситуацијата е тензична. Граѓани ги кршеа стаклата на вратите од Градското собрание, полицијата ги прскаше со бибер спреј. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва, реагирајќи на протестите пред Собранието на Град Белград и РИК, изјави дека „во Белград не е во тек револуција“, пренесува N1.

Синоќа пред РИК се одржа шестиот протестен митинг поради изборна кражба.

Студентите кои протестираа побараа од Вучиќ да ги исполни нивните барања до вечерва и порачаа дека во спротивно утре ќе го блокираат цел Белград. Тие од Министерството за државна управа и локална самоуправа побараа проверка на избирачкиот список, а дадоа рок до понеделник за одговор – во спротивно најавуваат блокада на главниот град.

Опозицијата и студентите веќе неколку дена протестираат пред зградата на РИК, а потпретседателката на ССП, Мариника Тепиќ, седум дена по ред штрајкува со глад. Во штрајкот ѝ се придружија уште шестмина поранешни пратеници и претставници на коалицијата „Србија против насилството“.

Министерството за внатрешни работи ги повика сите учесници на вечерашниот протест во Белград, како и организаторите на овој собир да ги почитуваат законите на Република Србија, да не го нарушуваат јавниот ред и мир и да се воздржат од насилни обиди за влез во зградата на градското собрание на Белград, како и во други заштитени објекти.

Како што се наведува во соопштението, припадниците на Министерството за внатрешни работи ги преземаат сите мерки и дејствија од нивна надлежност и ќе го зачуваат јавниот ред и мир и безбедноста на сите граѓани како и нивниот имот и имотот на Република Србија.

Г. Т.

Зачлени се на нашиот е-билтен