Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Зборуе Радио Скопје“ – Во 2024 ќе се одбележат 80 години од првата македонска радио станица

Владо Малески како првиот репортер на Радио Скопје
Владо Малески како првиот репортер на Радио Скопје

Ацо ЛУКАРОСКИ

„Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје. Драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија.“

Ова се првите зборови изговорени на денешен ден (28 декември 1944), на народен македонски јазик, од првата македонска радио станица.

Честа му била доделена на Владо Малески. Низ етерот, за првпат во ослободената татковина, биле пренесени зборовите на македонски јазик.

Благодарност до професорката Мирјана Малеска којашто ги сподели со јавноста сведоштвата на нејзиниот свекор Владо Малески, наоѓајќи ги случајно при средување на стари хартии во Езерски Лозја, Струга.

Ова е еден од текстовите напишани од Владо Малески:

“Во Маџари се работеше усилено. Сите наши техничари како и други работници вложуваа несекојдневни напори што побргу да се оспособи радио-станицата, да се монтира нов мал предавател и да се кренат пак на местото урнатите антенски столбови што не беше така лесно со оглед на фактот дека не се располагаше ни со најелементарни алати. Додека се ова се работеше АСНОМ се подготвуваше за своето второ заседание во веќе ослободено Скопје. Техничарите на Радиото ветија и покрај тоа што работите на нивниот предавател не беа завршени, да обезбедат пренос од заседанието макар и со ограничен домет. Така на 28 декември од денешната сала на Републичкиот собор по прв пат во историјата на овој народ пливнаа македонски зборови во воздушните бранови за на народот да му ја доловат сликата на заседанието на македонскиот парламент. Репортер бев јас. Не се сеќавам за ниеден збор што го пратив во микрофонот, но сигурен сум дека реченото, сигурно наивно, неспретно, неучено, беше откорнато од срцето. Бев нервозен, нервите ми останаа нарожени за сето време на преносот заради тамошниот страв од микрофонот и заради одговорната задача верно да ја претставам атмосферата во собранијската сала. Возбудата идеше можеби од сознанието за историскиот миг во кој се раѓаше Радио-Скопје.“

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново