Русија во текот на ноќта изврши воздушни напади врз украински инфраструктурни објекти, индустриски и воени, низ цела Украина – во Дњепропетровск, Киев, Лавов, Одеса, Харков, градот Запорожје, како и во регионите Хмељницки и Тернопол, што предизвика експлозии, соопшти командантот на украинските вооружени сили Валериј Залужњи.
Тој на Телеграм не соопшти детали за нападите.
Според прелиминарните податоци, Русија синоќа и утринава ја нападнала Украина со 158 проектили и дронови, наведе Залужњи. Тој рече дека украинската воздушна одбрана пресретнала 87 проектили и 27 беспилотни летала од типот „шахид“, пренесува Интерфакс Украина. Според Залужњи, руските сили прво нападнале со дронови „шахид“ од север и југоисток, а потоа имало напади од запад.
Командантот на украинските воздухопловни сили Никола Олешук на својот канал на Телеграм напиша дека ова е најмасовниот воздушен напад од почетокот на рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година. Според украинските воздухопловни сили, претходниот најголем напад бил во ноември 2022 година, кога Русија истрелала 96 проектили врз Украина.
Во текот на ноќта и утрово над цела Украина се огласија сирени за воздушен напад. Украинското воено воздухопловство соопшти дека ова се едни од најмасовните руски напади од почетокот на војната.