– Пет лица во кинески град во близина на Мјанмар се ранети вчера од залутани артилериски гранати преку границата, објавија кинеските медиуми.
Властите во Женканг, град во провинцијата Јунан, потврдиле дека залутаното гранатирање од Лаукаи, област во регионот Коканг во Мјанмар, вчера попладне го погодило Нансан, град под негова јурисдикција.
Во меѓувреме, како што се наведува, во болница се пренесени петмина повредени.
Со години, Коканг во државата Шан во Мјанмар е нестабилен и проблематичен регион.
Вооружениот конфликт меѓу армијата на Мјанмар и бунтовничките групи на северот на земјата ескалира на крајот на октомври.
Соседна Кина постојано повикуваше на преговори за прекин на огнот, па дури и го олесни дијалогот меѓу двете страни. Според Обединетите нации во средината на декември, повеќе од 660 илјади луѓе во Мјанмар се раселени од 27 октомври, со што вкупното моментално раселување низ целата земја достигна рекордни 2,6 милиони луѓе.
Кинеските власти им порачаа на граѓаните да избегнуваат да патуваат во северниот дел на Мјанмар, а оние кои веќе се во областа да се преселат на безбедно или да се вратат во Кина.
Кина, исто така, ги повика завојуваните страни да покажат „максимална воздржаност“ во ситуацијата во северниот дел на Мјанмар.