Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицотакис најави мерки за справување со дивоградбите и воведување современи урбанистички планови во цела Грција

 Земјата конечно ќе се стекне со современи урбанистички планови, државата доцни со организирање на користење на земјиштето, а ќе се воведат и иницијативи и мерки за справување со дивоградбите, најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната владина седница, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер истакна дека земјата ќе добие финансиски средства од над 400 милиони евра од Фондот за закрепнување, со што конечно ќе се реши проблемот што засега милиони граѓани.

– Во тек е изработката на специјални и локални урбанистички планови на целата територија. Со нив веќе дефинитивно ќе се определат користењето на земјиштето, условите за градба, во и вон планот и секако заштитените зони на секое подрачје, рече Мицотакис.

Објасни дека конкретната програма ќе вклучува и нови иницијативи за справување со дивоградбите, порача дека „дефинитивното отворање кон законитоста мора да биде придружено со затворање на секоја можност за незаконитост“ и најави користење на технологијата за во реално време да се открива своеволното градење на целата територија.

– Ова е многу важна реформа, би рекол со многу силен развоен знак, бидејќи суштински го ослободува законското градење на целата територија, го стимулира градежништвото, стимулира локално вработување, но и ослободува илјадници сопственици од сивиот режим на неизвесност, давајќи перспектива и дополнителна вредност на нивните имоти. И, се разбира, сето ова веќе ќе се прави со конкретни правила и со неприкосновен приоритет за почитување на животната средина, истакна грчкиот премиер.

На почетокот на денешната владина седница, Мицотакис, обраќајќи им се на министрите порача дека следните месеци „ќе бидат месеци на резултати“ и најави дека утре заедно со министерот за развој ќе презентираат нови иницијативи за справување со поскапувањата. 

Зачлени се на нашиот е-билтен