„Ја започнуваме годината со сите можни компликации коишто можевме да ги претпоставиме и веќе почнаа да се развиваат уште пред да почне оваа година. Разговараме за она што се случи во македонска навигација. Еден инцидент којшто ни во некакви најфантазмагорични сценарија не сум можел ниту да помислам дека може да се случи така како што се случи, да влезат бандити, да се занимаваат со тепање. Воедно, од институцијата којашто има 24-часовна онлајн дејност“, рече аналитичарот Сашо Орданоски во емисијата „Политиканти“ на Слободен печат.
Тој додаде дека целиот скандал има две димензии. Едната е правниот тек на работите, дека се работи за кривично-правен настан. Меѓутоа, тој додаде дека скандалот има и политичка димензија.
„Тоа не е еден-двајца се запиле во кафеана па решиле да се пресметаат, седнале во кола, отишле и направиле инцидент. Сепак се 8 души коишто упаднале таму“, потенцираше Орданоски.
Во однос на тоа што обезбедувањето не реагирало на упадот на овие лица, Орданоски праша што би се случило доколку на местото на Беким Незири, кој е во некаква синдикално-партиска пресметка со некакви членови, дошле терористи, односно како би се реагирало тогаш.
„ДУИ веќе најави дека не мисли дека има основи за менување на директори и за оставка и тн. Дури и во една цинична форма дека владата знае повеќе отколку судот“, заклучи Орданоски.
Тој додаде дека сите разговори што се случуваат во просториите на контролата на летање се снимаат. Не е јасно во јавноста што точно се случило во однос на пресметката, но Орданоски прочитал изјава на контролор дека додека тие контролираат и даваат инструкции на авиони се случуваат хаотични сцени.
„Ова е уште еден инцидент во низата разноразни инциденти со коишто ДУИ помалку ја забавува јавноста, а помалку јавноста со специјално внимание следи што прави ДУИ. Има во тоа едно нагласено внимание бидејќи се работи за најголемата албанска партија. Само за празничниве денови Исмет Гури, бившиот шеф на УЈП пребега и не му се знае кај му е местото бидејќи беше во сред кривична постапка. Тој сега е приклонет на струјата на Меџити, но е висок функционер на ДУИ којшто се товари за милионски проневери, пуштен дома на издржување, човекот исчезна. Ова со судството е континуирана приказна во којашто ДУИ е замешан до носот“, потенцираше Орданоски.
Тој заклучи дека ДУИ е значаен сегмент во политичката реалност, но ги троши своите коалициски партнери на непријатен начин, бидејќи секогаш кога се работи за односите на ДУИ со своите партнери, се работи за она што македонското политичко општество е најчувствително, тоа се односите меѓу Македонците и Албанците.