Протестите против екстремистите продолжија низ цела Германија, а според здружението „Заедно против крајната десница“, за денеска и утре се планирани повеќе од 300 собири.
Во Кил, град на северот на Германија, денеска на централниот градски плоштад се собраа 11.500 луѓе, според проценката на полицијата, а организаторите објавија дека имало 15.000.
На транспарентите можеше да се прочита „Демократијата не е за оние со слабо срце“ и „Црвен картон за алтернатива за Германија“.
Во Дизелдорф, на западот на Германија, според полицијата се собрале „неколку десетици илјади луѓе“.
„Има три пати повеќе протести од минатата недела, особено во источна Германија“, соопшти денеска граѓанскиот синдикат Кампакт, кој е меѓу организаторите на собирот.
Министерот за одбрана Борис Писториус најави дека вечерва ќе присуствува на протест во градот Оснабрик во северозападниот дел на земјата, каде што е роден.