– Грчката полиција уапсила 35-годишен маж, кој злоупотребувал и малтретирал лица со инвалидитети и попреченост и сето тоа го пренесувал во живо на социјална мрежа, додека пак гледачите од него барале да врши конкретни дела како физички повреди, сексуални дејства и слично насилство за што плаќале одреден износ, јави дописничката на МИА од Атина.
Според медиумите во Грција, станува збор за познат грчки јутјубер, кој ја користел платформата Тик Ток.
Од грчката полиција соопштија дека уапсениот најмалку од јануари 2023 година, под псевдоним користел профил на социјална мрежа на која во живо емитувал навредливи однесувања кон лица со ментална попреченост и од тоа се стекнал со незаконска финансиска корист.
– Поконкретно овие дела се состоеле од постојана злоупотреба, физичко повредување и сексуални дејствија, кои ги барале гледачите кои гледале пренос во живо, плаќајќи соодветен износ на пари, соопштија од грчката полиција.
Уапсен бил вчера во неговиот дом во Атина, бидејќи во раните утрински часови во живо злоупотребувал две лица, а се товари за трговија со луѓе и физичко повредување на изнемоштени лица, кривично дело со расистички карактеристики поради инвалидитет.