Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Собранието ги изгласа измените на Законот за субвенциониран студентски оброк

Собранието попладнево во рамки на 140 седница со 74 гласа „за“, без против и воздржани, го донесе Закон за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк.

Со донесување на Законот, како што беше посочено на седницата, ќе биде задоволено барањето на Универзитетско студентско собрание – УКИМ за надминување на техничките бариери со кои се соочуват студентите.

Оваа точка беше ставена на дневен ред на собраниската седница откако во понеделникот студентите на протест искажаа револт од ненавремената исплата на продолжените студентски стипендии, од задоцнетите исплати на ваучерите за превоз, од доцнењата со исплатите по склучувањето на спогодбите за ретроактивна исплата на стипендиите и проблемите со мерката субвенциониран студентски оброк.

Во попладневниот дел од седницата беше завршена општата расправа по повеќе предлог одлуки, за кои пратениците дополнително ќе се гласаат.

Пратениците ја почнаа расправа по Предлогот за избор на судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија. Станува збор за професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Ана Павловска-Данева, да биде нова уставна судијка.

Предлогот Павловска-Данева дојде откако на 24 јануари по речиси една и пол година расправа во Собранието беше повлечен предлогот за доскорешниот републички обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија.

Претседателот на Собранието Јован Митрески во 18 часот ја прекина работата по оваа седница и за утре најави нејзино продолжување.

Претходно, Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Законот за игрите на среќа и за забавните игри. Измените, меѓу другото, предвидуваат објектите за игри на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основните и средните училишта, со цел, како што се вели во законот, заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст.

Собранието денеска ги изгласа одлуките за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина и во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“, во Република Либан.

Зачлени се на нашиот е-билтен