Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пендаровски не го потпиша Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри

 Претседателот Стево Пендаровски одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 7 февруари 2024 година.

Одлуката, како што информира Кабинетот на претседателот Пендаровски, е донесена врз основа на детална анализа на текстот на Законот и на постапката во која што овој Закон е донесен, како и по спроведени консултации со Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, како наш најважен партнер во земјата во процесот на преговори.

Пендаровски смета дека измените и дополнувањата на законот се донесени преку несоодветна употреба на забрзаната процедура за усогласување на нашето законодавство со правото на Европската Унија, популарно позната како „процедура со европско знаменце“, во ситуација на отсуство на суштинско „аки“ (задолжително право на ЕУ) во областите што ги опфаќа овој Закон и фактот дека Законот не наведува дури ни лимитирано „ЕУ аки“ што може да биде релевантно.

Претседателот Пендаровски, имајќи ја предвид важноста за сеопфатно регулирање на оваа област, но и за легитимните и оправдани грижи на граѓаните во однос на можното штетно влијание на игрите на среќа и забавните игри врз младите, особено врз нивниот психолошки развој, го повикува Собранието без одложување одново да почне дебата и постапка за ова прашање, но во редовна законодавна постапка со широка и инклузивна дебата со сите засегнати страни, онака како што ѝ доликува на една зрела парламентарна демократија.

За одлуката, претседателот Пендаровски го информираше претседателот на Собранието, Јован Митрески.

– Свесен сум за важноста за сеопфатно регулирање на оваа област, но и за легитимните и оправдани грижи на граѓаните во однос на можното штетно влијание на игрите на среќа и забавните игри врз младите, особено врз нивниот психолошки развој. За опасноста од злоупотребата на игрите на среќа и забавните игри и за развојот на нездрава зависност од нив постојат бројни научни и стручни студии, но и секојдневни трагични примери. Токму затоа, сметам дека без одложување треба одново да почне дебата и постапка во Собранието за ова прашање, но во редовна законодавна постапка со широка и инклузивна дебата со сите засегнати страни, онака како што ѝ доликува на една зрела парламентарна демократија. Во таа насока, апелирам до сите пратеници, независно од политичката припадност, а водејќи се од словото на Уставот и јавниот интерес, уште еднаш, да размислат пред повторно да одлучуваат за овој Закон, се наведува во дописот упатен до претседателот на Собранието на Северна Македонија Јован Митрески. 

Зачлени се на нашиот е-билтен