Присуството на насмеаниот Христијан Мицкоски во првиот ред на промоцијата на книгата „Колишевски и Македонија“, прво ги збуни, па ги разбранува духовите во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, за да стигне до жестоки реакции. Рекациите се од типот „Мицкоски го чествува Колишевски, Ченто и Павел Шатев се превртуваат во гроб“.
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, изрази јавна поддршка на коалициониот партнер Социјалистичката партија на Македонија, која му оддаде почит на Колишевски, претставувајќи го како „една од најзначајните личности од македонската историја“.
На промоцијата, Ристо Никовски изјави дека во времето на Колишевски „македонската држава го доживеа својот процут“.
Поддршката на Мицкоски на глорификацијата на Колишевски како „една од најзначајните личности од македонската историја“ во која државата доживеала „процут“, наиде на жестоки реакции кај дел од ВМРО-вците, но и кај „левичарите“.
Порталот „Инфомакс“, на пример, го прашува Мицкоски „дали воопшто знае кој бил Лазар Колишевски?“, нарекувајќи го „најголемиот крвник на ВМРО“, потсетувајќи дека во негово време биле прогонувани и многу ВМРО-вци, а бил уапсен и осуден и Ченто.
Левичарскиот портал „Антропол“ објави текст Вмроовците на апарати – Мицкоски на промоција на книга за Колишевски, во кој се истакнува:
„На промоцијата Амбасадорот Ристо Никовски кажа три вистини за работата на Колишевски и комунистите во создавањето на Македонија за кои многумина не ни сонувава дека јавно и гласно ќе се кажат:
- Треба да сме бескрајно благодарни на српските комунисти кои се откажаа од Вардарскиот дел на Македонија за да има каде да направиме држава.
- Треба да сфатат сите во ВМРО-ДПМНЕ (у фаца на Мицко) дека комунистите не се непријатели туку дека биле најголемите патриоти и без комунистите ќе немаше македонска нација!
- Заблуда е дека Американците ќе дозволеле одење на Солун и било какво обединување на Македонија, сите кои тогаш тоа го агитирале само ќе го упропастеле создавањето на првата македонска држава.“
Мицкоски, како и во многу случаи досега покажува тотална политичка дозириентација, или пак, конвертира со политички процеси и ликови кои неговата партија ги определува како спротивност на нивните вредности. Поточно, ВМРО-вската пропаганда го користеше Колишевски како негативен пример, оцрнуваќи го премиерот на СДСМ Заев – „Премиерот необолшевички по стапките на Колишевски“.
За да биде иронијата или парадоксот на Мицкоски уште поголем и несфатлив е и фактот дека во пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ една од насоките беше СДСМ да се врзува за Комунистичката партија на Македонија и за Колишевски, а тој денеска му оддава чест со присуство на книга за неговото дело.
ВМРО-вските пропагандисти наведуваа и цитати од книгата „Времето на Колишевски“ во која Колишевски „фрла дрвја и камења врз четирите свети букви“: „Едно од основните прашања што историчарите и историјата треба да го симнат од дневниот ред е дали ВМРО, како национално-ослободително движење, е автохтона, чиста и без туѓи влијанија или е организација која со времето, од разни причини и поводи се претворила во оружје на туѓинци, ги напуштила изворните идеи и принципи и застанала од другата страна на идеалот за самобитност, слобода и независност-на страната на тероризмот“.
„Македонска Нација“, портал кој ја споделува идеологијата на ВМРО-ДПМНЕ, своевремено особено ја потенцираше пораката Ченто до Колишевски: Милост не сакам! Не ми треба помилување! Ќе одлежам до ден колку ме осудивте. „Македонска Нација“ ги обвинуваше Колишевски и Тито и за смртта на Павел Шатев: „Она што не им успеа на Султан Хамид и на цар Борис III, му појде од рака на Ј. Б. Тито и Л. Колишевски“.
Ако Мицкоски го заборавил сето ова пред да појде на промоцијата, некој од неговото потесно опкружување требало да го предупреди каде оди и кого ќе чествува.
Сега, откако и Мицкоски тргна „по стапките на Колишевски“ остануваат дилемите: Дали предизборно ќе воскресне сателитската партија на ВМРО-ДПМНЕ „Титови леви сили“, или пак ќе биде преименувана во „Лазови нови сили“? Дали Пандов ќе добие забрана да зборува против „комуњарите“ и ќе покрене иницијатива за нов споменик на Колишевски до споменикот на Ченто?
Р. Р.