Секои избори претставуваат тест за демократската зрелост на едно општество и токму заради тоа го испратив писмото, за да биде едно потсетување за тоа кои се обврските, не само на политичарите, туку и на сите институции и на централно и на локално ниво
Иницијативата во Законот за рестриктивни мерки да се додадат и санкциите од САД и Обединетото Кралство беше моја, владата ја прифати, формираше работно тело што требаше да ги разгледа тие измени, коишто беа направени и кои во еден дел содржаа и работи што ние како држава имаме обврска да ги направиме и вградиме, порача Славица Грковска, вицепремиерка за добро владеење во интервју за Слободен Печат.
„Ако имате стратешко партнерство со САД и ако во тоа стратешко партнерство еден добар дел се однесува на борбата против корупцијата и организираниот криминал, тогаш е недопустливо во една таква ситуација да ги игнорирате напорите што нашите партнери ги имаат во борбата против корупцијата и организиран криминал и да ги доведувате во ситуација да поднесуваат барања до нашите органи“, посочи Грковска.
Грковска истакна дека овие измени ќе придонесат и поголема активност и попосветена работа на домашните судски и обвинителски органи.
„Овој предлог овозможува штом ќе се појават нови лица и компании на листата на санкци, нашите институции да достават предлог до Владата, да ја усвои таа листа, а потоа низ процес опишан во законот, доколку се усвојат тие листи, обвинителството да мора да постапува“, порача таа.
Секои избори претставуваат тест за демократската зрелост на едно општество и токму заради тоа го испратив писмото, за да биде едно потсетување за тоа кои се обврските, не само на политичарите, туку и на сите институции и на централно и на локално ниво, рече вицепремиерката одговарајќи на прашање поврзано со неодамнешното отворено писмо што таа го испрати во јавноста.
„Изборите треба да бидат еден празник на демократијата, каде што граѓаните во суштина треба да ја покажат својата моќ на одлучување, односно да го одберат оној кој сметаат дека со својата програма најдобро ќе ги застапува интересите на нашата држава. И ова не го зборувам случајно, заради тоа што обврска е на сите политички чинители, без да се служат со дезинформации, со лажни вести, во своите програми да го претстават точно она за коешто ќе се залагаат доколку ја добијат довербата и на тој начин да ја бараат довербата од граѓаните“, посочи таа.
Во однос на политичките превирања што се случуваат, Грковска истакна дека тоа е нормална појава во секоја демократија, но се додека тие се во границите на една нормална политичка дебата.
„Политичките превирања се, би рекла, нормална појава во секоја демократија, се додека се во рамките на една нормална политичка дебата и аргументација, без насилство, без заплашувања, без некои други форми коишто немаат врска со демократијата и тоа нас ниту треба да не вознемирува, ниту треба да не плаши, тоа е нормален процес, се додека се задржува она културно демократско ниво на комуникација. Ние по секоја цена треба да избегнеме немили слики од не така далечното минато кои се случуваа во предизборниот и изборниот процес и во суштина, овие процеси ќе покажат дали во степенот на демократија сме созреале повеќе отколку претходно“, заклучи Грковска.