„Пред граѓаните има лесен избор, тие имаат пред себе два концепти. Едниот е концепт посветен на демократија, поголеми плати, поголеми пензии, повеќе инвестиции, повеќе и подобро платени работни места, повеќе пари назад кај граѓаните, слобода каде може да го каже своето мислење, едноставно концепт на европска Македонија, концепт на европска, прогресивна напредна држава. Вториот концепт е концептот на изолација, страв, насилство, концепт на држава во која работникот е неважен, продаван низ светот како евтина работна сила, концепт на фрлени пари за спомнеци, жални врби стиропори кој ден денес го гледаме како се распаѓа по Скопје. Концепт на криминал“, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски при отворањето на изборниот штаб во Кисела Вода.
Тој додаде дека оваа разлика беше јасна и видлива, а минатата недела и со конкретни примери можевме да се потсетиме што значи ВМРО на власт и што значи режим.
„Што значи кога медиумите ќе се стават на страна на една политичка партија. Што значи кога вработени во МВР тепаат свои колеги само затоа што си ја извршувале својата работа. Што значи кога член на обезбедување на нивниот прв човек ги тепа своите колеги, овие не смеат ни да пријават дека се тепани. Два дена не смее да направи внатрешна контрола извештај таму“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека СДСМ е прогресивна партија, а не партија на капиталот, туку партија на трудот.
„СДСМ е левицата на оваа држава. СДСМ е центарот на оваа држава. СДСМ е на синдикатите, се работниците, СДСМ се граѓаните. СДСМ се пензионерите и студентите. Истите тие кои до 2016 година беа малтретирани и тепани по плоштадите и библиотеките, сите тие се СДСМ. И не постои капитал, не постојат пари кои можат да ја победат таа волја за напредна и просперитетна држава која што само со нас може да ја имаат граѓаните“, рече Ковачевски.
„Факт е и дека и со зголемени плати и со зголемена минимална плата и со зголемени инвестиции кај нашите компании невработеноста изнесува под 13%, од фамозните 25% невработеност во време на ДПМНЕ. Тоа е историски најмало ниво на невработеност во државата. И не мора никој да не фали, јас ги гледам луѓето кога одат на работа и ги гледам и билбордите дека се бара работник повеќе тоа за тоа што најголлемиот дел од нашите сограѓани се веќе вработени“, рече Ковачевски при отворањето на изборен штаб во Кисела Вода.
Тој додаде дека СДСМ обезбеди и рекордна поддршка за домашните компании, над 100 милиони евра за поддршка на 919 компании во нивните инвестициски циклуси.
„Во време на ВМРО 0 денари се издвојуваше за поддршка на домашните компании. Единствено беа поддржувани странските компании каде што земјата беше рекламирана како дестинација за евтина работна сила“, рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека во времето на ДПМНЕ немаше ниту една мерка за поврат на парите кај граѓаните, а СДСМ за само три години вради над 2,6 милијарди евра назад кај граѓаните со неколку антикризни пакет мерки со кои се поддржа граѓаните, компаниите, инсституциите и ликвидноста на стопанството.
„Исто така непобитен факт е дека успешно се справивме со енергетската криза и никој не беше оставен сам“ рече Ковачевски.
„Без антикризните мерки, многу граѓани ќе беа оставени на раб на сиромаштија. И сериозни економски проблеми ќе имаа. Тоа не го дозволивме. Гледаме низ Европа многу посилни економиии се соочуват со поголеми проблеми. Ги гледате штрајковите и незадоволството во Германија. Хрватските земјоделци, француските земјоделци. Кај нас нема, затоа што историски највисоко е нивото на субвенции“ рече претседателот на СДСМ Ковачевски.
Тој додаде дека сега вистинските земјоделци добиваат субвенции, а тие се исплаќаат авансно.
„30% веќе е исплатено на земјоделците. Највисоки откупни цени и на тутунот, и на грозјето и станавме најголем извозник на вино во регионот. Со вистински земјоделски политики кои се на исто ниво со европските политики. Затоа ќе продолжиме и предложиме нови мерки за помош со нови економски мерки со програмата 2024-2028 година“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека со новата програма, која наскоро ќе биде објавена, ќе има и нови мерки за уште поголеми плати, пензии, уште поголема поддршка за граѓаните, работниците и повеќе инвестиции, нови подобро платени работни места.