Грчките земјоделци од повеќе делови на Грција со околу 150 трактори пристигнаа во Атина и од попладнево се паркирани пред грчкиот Парламент во пресрет на закажаниот протест, јави дописничката на МИА од Атина.
Со слоганите „Без земјоделци, нема храна“, „Денеска е погребот на сточарството“ закачени на транспаренти на тракторите, но и црни знамиња, заедно со грчките, земјоделците се собраа на плоштадот Синтагма за уште еднаш на повторат дека не се откажуваат од нивните барања.
Во разговор со дописничката на МИА од Атина објаснуваат дека од Владата бараат уште пониски цени на струјата, но и земјоделската нафта да биде ослободена од данок.
Најпогодени се земјоделците од областа Тесалија, која во септември минатата година беше поплавена од невремето „Даниел“.
– Сите ние што сме млади земјоделци, не можеме да преживееме по поплавите. Уништени ни се нивите. Владата не ни помага, дури и она што ни следува ни го зема, вели за МИА младиот Апостолис од градот Кардица кој со неговиот трактор пристигна во Атина.
Протестот на земјоделците е закажан за 18.30 часот по локално време, а ќе добијат поддршка од синдикатите, од разни здруженија, но и од студентите.
Се очекува по протестот, тракторите во текот на вечерта да останат паркирани во центарот на Атина, а земјоделците да си заминат утре наутро.
Во однос на следните активности, земјоделците велат дека по денешниот протест дополнително ќе ги одредат следните чекори.
Ставот на грчката Влада е дека не постојат финансиски можности за дополнителна помош на земоделците.