Во поткастот „Политиканти“ на Слободен печат, Марјан Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, ја нарече Република Северна Македонија „држава со попреченост“. Притоа посочи дека тоа се случува затоа што попуштаме, во однос на преговорите со соседните држави со кои нашата држава имаше и има отворени прашања.
„Сите држави кои не попуштаат одат напред. Видете ги Албанија и Србија. Ние тапкаме во место затоа што попуштаме,“рече Ѓорчев.
Оваа теза на Ѓорчев, Сашо Ордановски ја оцени како тотално погрешна, затоа што ако не било така Македонија немаше начин како да стане членка на НАТО и немаше начин да добие кандидатски статус за земја членка на ЕУ.
„Тоа е како да седиш на врвот на Олимп и да велиш „види нема што да се попушта за ова“. Денешната реална политика, денешните односи, моќта и димензиите на Македонија. Секогаш е подобро да се биде на масата, отколку во претсобјето“, истакна Ордановски.