„Поделбите во државата по идеолошка и по етника линија не само што не ги надминавме, туку за жал ги зајакнавме. И на овие избори граѓаните ќе гласаат партиски и енички“, вели долгогодишниот новинар и политички аналитичар Ацо Кабранов, зборувајќи за етничките предрасуди во земјата и за претседателските и парламентарните избори.
– Мислам дека и на овие избори граѓаните ќе гласаат партиски и етнички. Поделбите во државата и по идеолошка и по етничка линија не само што не ги надминавме, туку и ги зајакнавме за жал. Граѓанскиот концепт за мултиетничко општество какво што е Северна Македонија е вистинско решение но на партиите, од опозицијата пред се на ВМРО ДПМНЕ и на партиите на Албанците им одговара повеќе националистичкиот наратив во кампањата, а и тие се декларираат дека се за граѓанско општество и европски вредности – им е само изговор , а работат на терен против таква држава, изјави Кабранов за „Фронтлајн“.
Според политикологот Благојче Атанасоски во Македонија повеќе од три децении се гласа по база на етнички и партиски принцип со голема доза на клиентелизам.
– За жал македонските партии се деидеологизирани, односно повеќе функционираат како агенции за вработување одошто како партии со идеолошка матрица. Граѓанскиот концепт треба да биде примарен и во фокусот на партиите бидејќи тој ги анулира етничките и партиските карактеристики, изјави Атанасоски за „Фронтлајн“.
Во 1990 година тогашната Социјалистичка Република Македонија ги одржа првите слободни повеќепартиски избори. Наместо од една партија, како претходно, граѓаните можеа да избираат меѓу 18 политички партии. Три децении подоцна, во земјава има 65 политички партии со најмалку 400.000 партиски членови. Според официјалните податоците во Северна Македонија постојат 65 политички партии.
Дестан Јонузи (Фронтлајн)