Билатералните односи и нивното продлабочување, проектите за стратешко поврзување во областите како што се енергетиката, транспортот и инфраструктурата, ситуацијата во регионот, војната во Украина, како и случувања на Блискиот Исток биле темите за кои разговарале министрите за надворешни работи на Бугарија и Грција Марија Габриел и Јоргос Герапетритис на нивната средба во Софија, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на грчката дипломатија истакна дека со неговата бугарска колешка го потврдиле „највисокото ниво во стратешкиот карактер на односите меѓу Грција и Бугарија, кои претставуваат модел на соработка меѓу соседните земји кои делат заедничка европска иднина“.
– Нашите две земји делат ист принципиелен став во прашањата на надворешната политика заснован на доследно спроведување на меѓународното право, со акцент на владеењето на правото и европската финализација. Во овој контекст, ја поддржуваме европската перспектива на земјите од Западен Балкан, на Украина и Молдавија. Оваа перспектива особено се заснова на принципот на исти достигнувања и на почитување на дефинираните критериуми, особено на придржување кон европското законодавство, почитување на меѓународното право и почитување на договорите со консолидација на добрососедските односи, истакна Герапетритис по средбата.
Министерката за надворешни работи и вицепремиерка на Бугарија му се заблагодари на шефот на грчката дипломатија за поддршката на Грција за влезот на Бугарија во Шенген зоната и еврозоната и ги истакна добрите односи меѓу двете земји.
– Бугарија и Грција не се само соседни земји, туку се и пријатели, сојузници и стратешки партнери. Односите меѓу двете земји се оска на стабилност во Југоисточна Европа. Во лицето на Грција, Бугарија гледа својот близок партнер во регионот, во рамките на ЕУ и НАТО, рече Габриел.
За време на посетата на Софија, Герапетритис беше примен и од премиерот на Бугарија Николај Денкив.