Владата на Словенија ги отфрли плановите на лидерот на опозицијата Јанез Јанша за преместување на Словенечката амбасада од Тел Авив во Ерусалим. Јанша ја изрази својата поддршка и за Владата на Бенјамин Нетанјаху во нападите врз Газа.
Министерството за надворешни и европски работи и Амбасадата на Словенија во Тел Авив не биле информирани за неодамнешната посета на претседателот на Словенечката демократска партија, Јанез Јанша, на Израел, потврди државниот секретар Сања Штиглиќ на седницата на Комисијата за надворешна политика на Народното собрание.
Пратеникот Ленарт Жавби е убеден дека Јанша води паралелна надворешна политика и дека со некоординација и нанесува штета на Словенија, што е особено спорно сега кога таа е непостојана членка на Советот за безбедност на ОН.
Штиглиќ беше јасна дека Владата нема намера да ја премести амбасадата од Тел Авив во Ерусалим.
„Словенија има намера да го следи меѓународно утврдениот став дека статусот на Ерусалим не смее да се промени и нема да ја премести својата амбасада таму додека не се постигне мировен договор меѓу Израелците и Палестинците и решение за две држави“, рече Штиглиќ, додавајќи дека ова е ставот на сите досегашни владини и на Комитетот за надворешна политика и Европската Унија, пренесува словенечко „Дело“.