Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во Грција разбиена меѓународна криминална група за убиствата на тројца Црногорци и еден Србин во 2020 година

 Зад двете двојни убиства во Грција во 2020 година, едно во близина на Атина, со жртви двајца Црногорци, а другото на островот Крф, кога беа убиени уште еден Црногорец и еден Србин, стои меѓународната криминална организација, што ја разби грчката полиција, јави дописничката на МИА од Атина. 

На прес конференција, директорот на Управата за безбедност на Атика, Фотиос Дуицис и портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду, соопштија детали за двата случаи, за кои се идентификувани вкупно 39 лица како физички и морални сторители и соучесници, од нив седуммина се уапсени во Србија, двајца во Шпанија, еден во Грција, а 17 се веќе во затвори во Европа, Србија, Црна Гора и Турција.

Убиствата во Грција пред четири години биле пресметки и расчистување сметки меѓу криминални групи, а четворицата убиени, државјани на Црна Гора и Србија, биле дел од криминална организација, со седиште во Црна Гора, што се занимавала со трговија со дрога низ целиот свет, а се барале со меѓународни потерници. 

-Во 2014 година конкретната криминална организација се подели на две одвоени и сега веќе ривалски организации кога изгубија 200 килограми кокаин во Шпанија. Ова доведе четворицата жртви да избегаат во нашата земја за да се заштитат од ривалската организација, а користејќи фалсификувани лични податоци престојуваа во областа Атика, најмалку од 2019 година. Организацијата, непријателска кон жртвите се спои со уште две моќни организации од Западен Балкан постепено испраќајќи луѓе во нашата земја за да ги лоцираат жртвите и да ги извршат убиствата, објасни директорот на Управата за безбедност на Атика.

Додаде дека „војната меѓу двете организации доведе до извршување на најмалку 60 убиства низ Европа“, а за истрагата, на иницијатива на Грција бил формиран Заеднички истражен тим со српските власти и тим на Европол, со кодно име „Итака“.

Портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду објасни дека членовите на криминалната организација имале различни улоги, едните требало да ги пронајдат и да ги следат жртвите, да изнајмат куќи, возила, да набават оружје, а други имале улогата на ликвидатори и ги извршувале убиствата.

-Показател за професионалната структура и начинот на дејствување беше леснотијата во пронаоѓањето и пренесување на оружје, муниција и опрема и големиот износ на пари. Карактеристично е што за случајот „Вари“ бил побаран износ од два милиони евра. Покрај тоа, пример за решителноста на организацијата е дека, занемарувајќи ги колатералните загуби, влегле во голем трговски центар во Атина, каде што ги лоцирале нивните цели за да пукаат врз нив, но не го сториле тоа поради тоа што задоцнило оружјето, истакна Димоглиду.

Дополнително потсети на двете двојни убиства од 2020 година, едното во јануари кога четворица маскирани напаѓачи влегле во ресторан во населбата Вари, во областа Атика и пукале и смртно ги раниле двајцата државјани на Црна Гора, додека ручале со семејствата и едно лице беше повредено 

Второто убиство беше на 23 јули 2020 година двајца државјани на Црна Гора и Србија, беа пронајдени мртви во возило во дворот на куќа на островот Крф.

Зачлени се на нашиот е-билтен