Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Биљали: Тоа што ВМРО-ДПМНЕ е без план за ЕУ е самоубиство, треба да смислат нешто за да го зачуваат образот

Може ли опозицијата да ја омекне реториката и дали може да се очекува да ги напушти тврдите позиции за, како што тие го нарекуваат, „Бугарскиот предлог“? Со ова прашање го започнавме кусиот разговор со професор Мерсел Биљали.

Тој вели дека тврдото „не“ и јасното „против“ уставните измени е позиција на надуван балон кој може да пукне. Професорот Биљали смета дека опозицијата е свесна дека доцниме на патот кон Европската Унија и иако декларативно се за членство во ЕУ,  сѐ уште немаат конкретен план и чекори. Според него најголем патриотизам е економски развој и задржување на луѓето во земјава.

„Мислам дека и ВМРО веќе знае дека доцниме и дека тоа е рамно на самоубиство. Најголем патриотизам е економскиот развој и задржување на луѓето во државата. Утре ќе стане неповратно многу доцна. Мислам дека ќе треба да смислат нешто за да и тие го сочуваат образот оти премногу го надувале балонот, кој може и да пукне. Ако ВМРО-ДПМНЕ ја пропушти шансата да направи стабилна влада фокусирана кон општа консолидација, дополнително ќе тонеме, и ќе се соочиме со секакви неизвесности. Сега сме во некој вид светско невреме и затоа треба да се прибереме, да си се спасиме сите, барем тоа што останало од нас“, вели Биљали.

Во пресрет на изборната кампања, и објавување на партиските програми, дел од партиите се на јасен став дека Македонија мора да го продолжи патот кон ЕУ. Професорот Биљали вели дека одамна е јасно дека друга алтернатива не постои, а секое друго размислување е рамно на самоубиство.

„Toa дeка немаме друга алтернативна освен ЕУ е сосема јасно. Но, како по некоја несреќа цело време работиме против тоа. Прво загубивме многу години со прашањето на името како спор со Грцитe. Наместо брзо државнички да изнајдеме решение, ние тоа го експлоатиравме за дневно политички потреби. Во меѓувреме, околните држави почнаа да се интегрираат во ЕУ, а беа многу зад нас. Замислете од 16 држави од Источна Европа на почетокот на деведесетети години, ние бевме втори по рангирање, веднаш по Словенија. Да го решававме прашањето тогаш, дури со помали отстапки од сегашниве, ние ќе станевме членка на ЕУ. Еве сега доцниме цели 30 години и тоа скапо не чини по сите параметри. А умот никако да ни дојде. Цело време со глава по ѕид убедени дека главата е посилна од ѕидот. А не се гледаме во огледалото колку крвариме. Сите знаат дека алтернатива е самораспаѓањето. Самото по себе масовно иселување на населението од државата значи самораспаѓање. Кој тоа не го гледа нема очи, а ако го гледа ама не сака да го разбере, тој нема душа“, нагласува професотот Мерсел Биљали во разговорот.  

Хипотетички, доколку ВМРО-ДПМНЕ освои мнозинство собраниски мандати, можноста да формира Влада со Европскиот фронт кој има јасни позиции за членството во ЕУ, според  професор Биљали се мали.

„Тоа не е баш голема веројатност. Имено сега и албанската опозиција не е веќе слаба структура. Премногу се имаат оддалечено ВМРО и ДУИ, така што само голема разлика со опозицијата ќе може да доведе до тоа. Но, мислам дека резултатите се очекува да бидат сосема блиску меѓу албанската власт и опозиција. Друго е тоа колку ќе можат тие да се искординираат меѓу себе оти и таму има минорни парти со големи апетити. Треба да ги избалансираат работите соодветно сондажите на нивните позиции на терен. Барем тоа не е тешко де се изведе“, додава професор Мерсел Биљали. 

Зачлени се на нашиот е-билтен