Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Марш за женски права – „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање!“

По повод Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправноста на жените – 8 Март (петок), ве повикуваме кон колективна акција, колективен протест и колективен марш во заедничката борба за рамноправност и родова еднаквост. Оваа година маршираме под слоганот „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање“, со почеток од 17:00 часот на плоштадот Скендербег, пишува во соопштението по овој повод неформалната група „Тиииит! Инк“.

од „Тиииит! Инк“ нагласуваат дека овој марш претставува протестен одраз против ситуацијата во нашата земја, против инситуционалната и општествената негрижа кон жените и девојките, тргнувајќи од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневните социјални и здравствени неправди па сè до високата стапка на економска несигурност и сиромаштија кои нè засегаат сите, а особено ги погодуваат жените. Во период кога се водат интензивни политички, економски и социјални преговори, потсетуваме дека правата на жените не се за преговарање! Повлекуваме црвени линии за нашите здравствени, образовни, работнички, културни, политички и економски права!, истакнуваат од „Тиииит! Инк“.

„Маршираме заедно, бидејќи сите ние треба да имаме гарантирани еднакви права и можности – пристап до здравствени услуги, без да го загубиме нашето право на избор, достапност до бесплатни гинеколошки прегледи во сите населени места, како и до менструални и хигиенски продукти, достојни болнички услови и лекарска експертиза, еднакви плати за иста работа, вклученост во донесувањето на одлуки, безбедност на работното место, вреднување на неплатениот домашен труд, живот без насилство – физичко и дигитално, безбедност во јавниот и приватниот простор, фер и непристрасно институционално постапување. Независност, правичност и сигурност – во сите сегменти од нашето постоење!“, потенцираат од „Тиииит! Инк“.

Изразуваме солидарност до нашите сестри и соборнички во Загреб, Сарајево, Белград, Приштина, Подгорица, Тирана, Љубљана, кои се соочуваат со истите неправди и потсетуваме дека регионалната поддршка и соработка ќе ни помогне заедно да ги надминеме препреките.

Затоа, ве повикуваме да марширате заедно со нас и заедно да кренеме глас за женските права и црвените линии кои не смеат да се преминат.

Маршираме заедно во петок – 8-ми Март во 17 часот на плоштадот Скендербег каде ќе ја започнеме нашата рута, а маршот ќе го завршиме во Паркот Жена Борец, со завршни обраќања до јавноста и институциите.

Зачлени се на нашиот е-билтен