– Претставниците на ЕУ и на САД во Тирана, побараа од албанските политичари преку дијалог да ја надминат ситуацијата во Парламентот, порачувајќи им дека тој „треба да биде во служба на граѓаните, а не на политичарите“ и оти очекуваат „функционален парламент што поскоро“.
Во функција на тоа, Дејвид Визнер, вршител на должноста во американската Амбасада, остварил средба со претседателката на Собранието Линдита Никола.
-Парламентот е многу важен за Албанија и за демократскиот систем и корисно е партиите во Собранието да се заложат да им служат на граѓаните и евроатлантската иднина на Албанија, рекол меѓу другото Визнер.
Од прес-службата на Собранието наведуваат дека тој ги поздравил напорите на Никола за враќање на работата на Собранието во нормала, преку средбата со координаторите на пратеничките групи на Социјалистичката и Демократската партија, Бледи Чучи и Газменд Барди.
Евроамбасадорот Силвио Гонзато ги повика политичките партии на дијалог, додавајќи дека процесот мора да биде сеопфатен и да ја одразува актуелната политичка состојба, за да се направат потребните реформи.
-Тоа го кажав и претходно, дека сакаме процесот да биде инклузивен и конструктивен. Тоа треба да ја отслика и политичката реалност во државата. Очекуваме функционален парламент што поскоро, изјавил тој.
Парламентот од октомври минатата година е во хаос поради неприфаќањето на мнозинството на барањата на опозицијата за формирање анкетни комисии и измени во комисијата за изборни реформи.
Тоа услови опозицијата да ги блокира пленарните седници, но и седниците на парламнтарните комисии и истите се одржуваат онлајн, а предлог-законите во Собранието се гласаат без расправа на седници кои траат по десеттина минути.