Откако вчера беше објавено дека на „црната листа“ на САД се впишани и актуелниот градоначалник и кандидат за претседател на претстојните избори Стевче Јакимовски и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, како и членови на нивното потесно семејство, повторно се актуелизира прашањето на донесувањето на Законот на рестриктивни мерки кој го предложи Владата.
Предлог законот на два пати патуваше до Собранието. Откако Владата изврши корекции во предлог законското решение и го достави до Собранието, од Кабинетот на Претседателот на Собранието на прашање на Рацин.мк не известија дека Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки истиот ден кога пристигнал на собраниската адреса, на 6.02.2024 година, и откако претседателот Митрески, согласно неговата деловничка належност го проверил Предлог законот, тој истиот ден го доставил и до пратениците.
Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки беше ставен на првата наредна седница, односно на 143. собраниска седница, што беше одржана на 9.02.2024 година, со што започна да тече рокот за закажување на седница на Комисијата за надворешна политика на Собранието на која предлог законското решение за рестриктивни мерки треба да се разгледа во прво читање.
Претседател на оваа комисија е Антонио Милошоски и тој од 9 феверуари наваму ја нема закажано таа седница.
Од Кабинетот на Митрески не информираа дека до претседателот на Собранието е пристигнато и Известување дека Стопанската комора на Северна Македонија до претседателот на Комисијата за надворешна политика Милошоски доставила барање за одржување на јавна дискусија по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, која може да се одржи откако оваа точка ќе биде разгледана на матичното работно тело во прво читање.
Милошоски со незакажувањето на седница на Комисијата за надворешна политика, како надлежна според деловникот за прво читање на Предлог Законот за рестриктивни мерки, ја блокира и јавната расправа по законското решение за што јавноста покажа посебен интерес.