Министерството за финансии на САД објави санкции против мрежата на кинески компании кои го снабдуваа Иран со резервни делови за воени беспилотни летала, вклучувајќи го и Шахед-136, наведува Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC), пренесува Укринформ.
„OFAC назначува мрежа од пет компании и еден поединец за поддршка на напорите за набавка на беспилотни летала (UAV) на Иран“, се вели во соопштението.
Се појаснува дека на листата се Кото Машинери, Равен, Гуилин Алфа, С&С Трејд и Каспро.
Мрежата е одговорна за продажба и испорака на компоненти кои можат да се користат за производство на борбени дронови. Конкретно, тие се користат од иранската индустриска компанија за производство на авиони ХЕСА (санкционирана претходно), која произведува беспилотни летала камикази Shahed-136.
„Иран е директно вмешан во украинските цивилни жртви кои произлегуваат од руската употреба на ирански беспилотни летала во Украина“, рече во врска со тоа потсекретарот на американското Министерство за финансии за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Нелсон.
Тој нагласи дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги таргетираат глобалните ирански мрежи за набавки кои ја снабдуваат Русија со смртоносни беспилотни летала за употреба во нејзината нелегална војна против Украина.
Во четвртокот меѓународната мрежа REPO објави дека замрзнала или блокирала руски средства во вредност од повеќе од 58 милијарди долари, санкционирани поради војната на Кремљ против Украина.
Подготви: Д. Мишев(CivilMedia)